Заев: Подготвени сме за име со географска одредница

Заев: Подготвени сме за име со географска одредница

07/02/2018

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и амбасадорот на ЕУ во Република Македонија Самуел Жбогар, одржаа заедничка прес конференција по повод новата Стратегија за проширување на ЕУ на Западен Балкан која денеска беше претставена во Брисел.

 

На оваа прес конференција, на која претходеше презентацијата на стратегијата пред членовите на Владата на РМ, премиерот Заев истакна:

 

Денеска е важен ден за Република Македонија, за сите нејзини граѓани.

 

Денеска од Брисел, од седиштето на Европската Унија, ни пристигна исклучително значајна и добра вест.

 

Во објавената Стратегија за Западен Балкан и за проширувањето на Европската унија, се истакнува дека Република Македонија направи значителен напредок на својот европски пат.

 

Од тие причини Европската Комисија изразува подготвеност да даде препорака за почеток на преговорите за членство, врз основа на исполнети услови.

 

Согласно оваа Стратегија, Република Македонија се движи по вистинскиот пат.

 

Уште едно, дополнително признание од особено значење за граѓаните на Македонија, е и ставот на Европската Унија, изразен во Стратегијата, дека секоја држава може да напредува и да влезе во групата на предводнички на овој пат, согласно нивниот реален напредок.

 

Овој дополнителен поттик претставува голема надеж за Република Македонија. Ова е мотив повеќе да работиме за да ја стигнеме групата на држави кои веќе преговараат, Србија и Црна Гора, и за кои постои детален временски план.

 

За нас, за граѓаните на Република Македонија, ова претставува потврда за успешноста на досегашните наши напори во сите реформски области кои ги започнавме.

 

Во оваа прилика, кога ја соопштуваме оваа исклучително добра вест, сакам да нагласам дека овој успех е – заеднички успех. На целата држава, на сите институции, сите политички партии, на сите заедници и на сите граѓани на Македонија.

Истовремено ова е поттик и охрабрување за удвојување на напорите за дополнителни резултати во сите клучни области опфатени со стратегијата.

 

Со поттикот и охрабрувањето што доаѓаат со оваа значајна одлука на Европската Комисија, уште еднаш ги повикувам и пратениците во Собранието од сите политички партии, Претседателот на Република Македонија, опозицијата и сите институции на системот, максимално да се вложиме и активно да учествуваме во процесот на реформите. Ова е вистинска причина да продолжиме по патот по кој тргнавме како држава, со заеднички напори на сите сегменти од единственото и заедничко општество.

 

Придобивките ќе бидат за целата држава. За секој граѓанин.

 

Текстот на Стратегијата утврдува дека дефинитивни и обврзувачки решенија на сите билатерални спорови мора да бидат изнајдени и имплементирани пред државата да пристапи кон ЕУ.

 

Владата на Република Македонија и досега, а и понатаму, останува длабоко и искрено посветена да го даде својот придонес во мерките за градење доверба и за олеснување на процесот за решавање на проблемот што го има Република Грција со уставното име на нашата држава.

 

Последните месеци се направени сериозни исчекори за достоинствено решение на ова прашање.

 

Стратегијата е одлична вест и вбризгува оптимизам кај сите држави од Западен Балкан, а за Македонија несомнено го отвара патот за членство во ЕУ.

 

Текстот на стратегијата ја повторува јасно и недвосмислено иднината на сите држави од овој регион како држави членки на ЕУ.

 

Државите од Западен Балкан ќе треба да дејствуваат одлучно. Пристапувањето кон ЕУ беше, и сè уште е процес заснован на покажани резултати, целосно зависен од објективниот напредок на секоја држава.

 

Со оваа стратегија, Европската Унија и нејзините институциите подаваат рака кон нас, државите од Западен Балкан.

 

Оваа подадена рака има и конкретни придобивки за граѓаните и за бизнис заедницата: Се удвојуваат фондовите за Еразмус плус за патување, студирање и размена на искуства на младите од Западен Балкан и ЕУ; Се зголемува културната соработка; Се отвораат нови фондови за започнување бизниси; Отпочнува процесот на создавање на Енергетска унија меѓу ЕУ и Западен Балкан; Се зголемува бројот на проекти за патна и железничка инфраструктура; Следува етапно покачување на претпристапната помош преку ИПА фондовите, и значајно се зголемуваат фондови на Инвестициската рамка за Западен Балкан со која треба да се зголемат приватните инвестиции во регионот. Тука е секако и дигиталната агенда.

 

Добрата вест од Брисел денеска ни пристигна и со пораката што ние, во Република Македонија, од срце ја споделуваме: Приклучувањето кон ЕУ е генерациски и национален избор, базиран на фундаментални вредности, кои секоја земја мора активно да ги прифати.

 

Република Македонија денеска доби признание за напредокот во својот стратешки избор, истакна премиерот Заев на прес конференцијата во Владата на РМ по повод новата Стратегија за проширување на ЕУ на Западен Балкан.

 

Одговори на новинарски прашања;

 

Медиуми: Премиере дали сте сеуште оптимист после пораките коишто пристигнуваат од Грција изминативе денови дека до јуни може да се затвори прашањето и да го фатиме возот за Европска Унија?

 

Заев: Јас внимателно ги следам настаните и во Грција и реакциите дома секако. Сум еден од најупатените. Меѓусебно се информираме со инситуциите и Претседателот на државата, на Собранието и другите институции, но и помеѓу власта и опозицијата. Јас сум оптимист. Решение може да се најде, многу изгледа тешко, нема да биде лесно, но впрочем не ни очекувавме да биде лесно, ниту пак да биде нешто посебно што така попатно ќе го поминеме. Посветени сме, голем дел од Владата, секако прво јас, па министерот за надворешни работи и другите министри коишто се овде во Владата. Јас верувам дека ако водиме грижа за другата страна, за нашиот јужен сосед и тие водат грижа за нас, притоа почитувајќи се, додржувајќи го достоинството и идентитетот се важни работи секако. Јас сум убеден дека може да се изнајде решение и за овој горлив еве би кажал две и пол децениски проблем којшто постои.

 

Медиуми: Денеска шефот на грчката дипломатија Никос Коцијас во едно интервју рече дека во Давос премиерите беа договорени за спогодба којашто ќе ја подготвува грчката страна и исто така Коцијас бараше од нашата влада јасно да каже и зборува јавно која придавка пред името би била прифатлива од наша страна. Кој е вашиот коментар? Што е прифатливо за нас и дали е време да се зборува за овие прашања?

 

Заев: Еве вака, јас сакам нашите граѓани да знаат, сакам граѓаните од соседна Грција да знаат за деталите, но најповеќе од се сакам да успееме во преговарачкиот процес и затоа секогаш дозата на внимателност за да му дадеме шанса на успехот ја задржувам, но притоа ќе кажам, ние сме подготвени за географска одредница. И тука ќе застанам заради тоа што суштествено е прашањето и треба да дадеме шанса низ преговорите да поминеме низ изнаоѓање на решение. Истовремено одлучивме заедно и тоа го потврдуваме секоја можна идеја која ќе доведе до решение, дали е драфт верзија на меѓународен договор којшто ќе го фиксира тоа што е поприлично решено, а според мене, не знам симболите мк, мкд, и слични работи, а другото би било основа да се продолжи проицесот секако под покровителство и лидерство на Обединетите Нации, преку

г-динот Нимиц, користејќи ги сите билатерални средби, без разлика дали е тоа помеѓу мене и премиерот Ципрас, министерот Димитров и министерот Коцијас, се што може да помогне кон изнаоѓање на решение треба да го искористиме. Така да, ние јавно ги коментираме сите настани, јавно сме позиционирани, и внатрешно помеѓу инситуциите и помеѓу политичките партии, но истовремено сме фокусирани на суштествени чекори коишто ќе доведат конечно до решавање на овој чувствителен проблем, јас се надевам во интерес на двете земји кои се вклучени во преговарачкиот процес.

 

Ќе дозволите да објавам дека тоа што беше денеска на владина седница донесена одлука, таа е во функција на двете прашања. Денеска Владата започнатата процедура од минатата седница ја заврши и ја донесе одлуката автопатот којшто не поврзува од северната граница до јужната граница да го именува како автопат Пријателство, а донесовме и одлука за меѓународниот аеродром.Името ќе биде Меѓународен аеродром Скопје. Сакав тоа да го споделам во ваше присуство и секако уште еднаш потврдувам исчекор кон градење пријателство со соседите заради тоа што интерес на Република Македонија е да гради пријателство, интерес на Република Македонија е да го реши овој суштествен проблем, но сум убеден после средбата со премиерот Ципрас интерес на граѓаните на Грција е да наоѓаат решенија за суштествени проблеми, како што е и овој проблем. Ние изградивме лично пријателство помеѓу нас двајцата. Јас верувам дека тоа ќе го преточиме преку решенија на овој проблем во севкупно пријателство помеѓу народите на двете земји.





Слични вести